Димовски: Се надевам дека ќе можам да му верувам на Мицкоски

29 јануари, 2018 | 22:21 часот | 3.863 прикажувања |

Се надевам дека ќе можам да му верувам на Мицкоски. Ова е одговорот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и екс координатор на партијата во Собранието, на прашањето од новинарката Снежана Лупевска во вечерашнoто „Ноќно студио“ дали поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ му верува на сегашниот лидер на партијата.

Димовски заедно со Антонио Милошоски и Трајко Вељаноски беа тројцата највидни партиски функционери кои напишаа отворено писмо пред Валандовскиот конгрес на партијата во кое бараа одложување на Конгресот заради недемократската и нефер атмосфера.

„Во последните десет дена успеавме да се видиме со господинот Мицкоски. Поразговаравме прилично долго, околу концептите во суштина: како треба да се движи партијата во следниот период, во смисла на нејзино отворање, на демократизација, признавање на одредени грешки, проширување на капацитетот за опфат на македонското општество…мислам дека ќе продолжиме да разговараме и во следниот период“, рече вечерва Димовски, изразувајќи надеж дека лидерот на партијата Христијан Мицкоски „ќе го сфати моментот и шансата којашто ја има кај него и ќе покаже капацитет да изгради партија којашто ќе биде модерна, демократска и ќе биде прифатлива за сите граѓани на Република и всушност ќе биде адекватен репрезент на оваа власт“.

Поранешниот координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието рече дека функциите се менливи и минливи но тој сакал да наметне принцип дека луѓето во партијата треба својот став да го кажуваат гласно.

„Имам чувство дека тоа не секогаш било предност во одредени фази и можеби ќе се сетите дека јас на ист начин постапив и кога беше расколот во ВМРО-ДПМНЕ во 2004 година: помеѓу Груевски и Георгиевски, после тоа Георгиевски ме коментираше со некои смешни споредби. И сега го направив истото: тогаш мислев дека партијата треба да оди напред и да се модернизнира како и сега, го кажав јасно. Битно е да се разбере дека во партијата одлуките мора да се носат на поширока база, дека луѓето треба да бидат охрабрени и наградени доколку го кажуваат гласно својот став, а не обратно“, рече Димовски, истакнувајќи дека тоа за жал не се случило на Конгресот.

Додаде дека тој е повеќе од 20 години во ВМРО-ДПМНЕ, професионално се изградиил во неа, планирам да останам во таа партија и ќе сторам се што може да помогне, како адекватна критика на власта за којашто рече дека е катстрофална во скоро во сите сегменти од општеството, но одговорноста е кај господинот Мицкоски.

„Моите укажувања до два наврати имав прилика директно да му ги посочам, ќе продолжиме да комуницираме, доколку тој најде капацитет и сила да го надмине овој момент и да изгради силна партија, секако дека тоа прво ќе биде негов плус и голема придобивка за партијата“, порача Димовски во „Ноќно студио“ на Телма.