Фрчкоски за „Топ тема“: Приоритет е идентитетот, името е второстепено

29 јануари, 2018 | 21:42 часот | 4.110 прикажувања |

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во врска со преговорите на Македонија и Грција за името, вечерва изјави дека кај нас приоритет е идентитетот, името е второстепено, и според него за тој пакет е постигната некаква согласност.

„Кај нас приоритет е пред сè националниот идентитет и јазикот да бидат македонски и да се обезбедат. Името, иако изгледа прво прашање, всушност е второ прашање. Ние сме биле социјалистичка, федеративна, народна, ваква и онаква и можеби може да издржиме Македонија со некаков префикс северна, горна итн. Она што е важно, ние сме Македонци и тоа нас нѐ дефинира. Тука мислам дека е постигнат некаков пакет и нервозата со јавни собири во Грција го покажува тоа“, изјави Фрчкоски за емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“.

Според него, две работи се отворени за расправа.

„Кај ерга омнес има однос кон надвор и кон внатре. Што значи односот кон внатре – дали тоа имплицира промена на Уставот, тоа е едно прашање. Ерга омнес досега во меѓународното право е само спрема надвор, бидејќи е меѓународен договор, меѓутоа тие велат ерга омнес и кон надвор и кон внатре. Тоа може да е преговарачка позиција, но може и да не е, тоа ќе го видиме“, вели Фрчкоски.

Прашан каде Грција гледа иредентизам, Фрчкоски рече дека, тука проблемот малку ќе биде искомплициран и таа точка не е јасно како во преговорите ќе се развива, посочувајќи дека во Грција се слушаат две споменувања на иредентизмот, едно од грчката опозиција и едно од Ципрас.

„Кај Ципрас иредентизмот не се квалификува и не се поврзува со уставот, а кај Мицотакис помладиот се поврзува со Уставот. Тој вика, не требал Ципрас да влезе во преговори за името, прво требал да бара отстранување на иредентизмот и промена на уставот на соседната држава. Тоа имплицира следно. Во варијантата на Ципрас под иредентизам го сметаат менувањето на некои од главните споменици, но ако мислат дека иредентизмот значи промена на член 49 од Уставот на РМ (за малцинствата), кој ние веќе еднаш сме го менувале, тогаш тоа е проблем. Мислам дека е невозможен проблем и нема да влеземе во таа приказна“, рече Фрчкоски.

Според него, Грците чувствуваат дека решението ќе оди на поделба на името Македонија и тоа е главната причина за нервозата кај нив, а второ е што не им се дели кругот на профитирање на културата поврзана со тоа.

За универзитетскиот професор Владо Поповски, подготвеноста на двете страни да го решат името мора да се искористи, бидејќи не се знае кога ќе се повтори таа шанса.