ДИК во четврток ќе организира Отворен ден за граѓаните

29 јануари, 2018 | 17:10 часот | 506 прикажувања |

Стручната служба на Државната изборна комисија (ДИК) на 1 февруари годинава ќе организира Отворен едукативен ден за граѓаните по повод Глобалниот ден на изборите, кој секоја година се одбележува во првиот четврток од февруари.

Како што информираат од ДИК, на овој ден сите заинтересирани граѓани се добредојдени во просториите на Државната изборна комисија, каде што ќе можат да проследат едукативна презентација преку која ќе се информираат околу остварувањето на своето избирачко право, со особен фокус на водењето на Избирачкиот список.

Воедно граѓаните ќе можат да постават и прашања до вработените во Стручната служба на ДИК, а ќе можат да подигнат и едукативен материјал.

Заинтересираните граѓани ќе можат да ја проследат едукативната тура во седиштето на ДИК (бул. Св. Кирил и Методиј бр.54, 4. кат) во три термини во текот на денот, односно во 11:00, 13:00 и 15:00 часот, а околу остварувањето на своето избирачко право ќе можат да се информираат и во некое од подрачните одделенија и канцеларии.