ВМРО-ДПМНЕ: За шест месеци државата се задолжи за 611 милиони евра

17 ноември, 2017 | 9:36 часот | 212 прикажувања |

ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение обвинува дека владата предводена од СДСМ ќе достигне историско ниво на задолжување на граѓаните и државата.

„Нејасно е зошто има пари за зголемени патни трошоци за пратениците, а нема пари за капитални инвестиции. Зошто се зголемуваат непродуктивните трошоци, а државата ќе се задолжи близу една милијарда евра.

Владата на СДС за шест месеци ја задолжи државата за неверојатни 611 милиони евра. Поради недомаќинското работење на оваа неграѓанска и неспособна влада сумата со која што ќе ја задолжат државата ќе се искачи за над 1.465.000.000 евра“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, со ваквиот, како што велат, расипнички однос СДС ја третира државната каса како буре без дно.

„Граѓаните не се должни да ја трпат оваа несособност на СДС, Заев и Тевдовски и со право се прашуваат за што СДС планира да го зголеми долгот, а притоа крати 24 милиони евра за субвенции за земјоделците. Но, единствена работа на оваа расипничка влада на Заев е трошење пари на луксузирање и непродуктивни работи. Така што во делот на непродуктивни доходи има покачување на патни трошоци за 5,2 милиони евра.

Лускузирањето и комотниот живот на Заев и неговите партиски луѓе не смее да биде на трошок на граѓаните“, се додава во соопштението.

Од партијата обвинуваат дека СДСМ, Зоран Заев и Драган Тевдовски ја киднапирале државата и тројцата ќе одговараат за тоа.