Србите и Македонците имаат заедничко минато, сегашност и иднина, рече Анѓушев

27 јануари, 2018 | 22:00 часот | 587 прикажувања |

Српскиот и македонскиот народ имаат заедничко минато, сегашност и заедничка поубава иднина, порача вечерва заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, во своето обраќање на единаесеттата свечена Светосавска академија, која се одржува по повод Националниот ден на Србите во Македонија – Свети Сава, пренесе МИА.

„Владата на Република Македонија, јасно и недвосмислено во повеќе наврати посочи, но и секојдневно покажува дека ќе работи на создавање на цврсти пријателства со сите свои соседи, ќе гради нови мостови на соработка и разбирање со сите соседни земји, вклучително и со Република Србија“, истакна Анѓушев и нагласи дека тоа е во духот на создавање на еден поуспешен и економски развиен регион.

Вицепремерот рече дека задача на двете Влади е да создададат подобро и поубаво место за живеење за сите граѓани граѓани, притоа почитувајќи го нивниот етнос и култура.

„Да ги зацврстуваме нашите релации и да наоѓаме решенија за нашите разлики“, рече Анѓушев.

„Земјите од регионот на Западен Балкан се соочуваат со слични проблеми во економскиот развој и токму затоа треба заеднички да работиме на нивно надминување. Од страна на македонската Влада упативме ветување и ќе го оствариме ветеното кога станува збор за подобрување на патната инфраструктура и поврзувањето на нашите соседни земји, со што ќе го подигнеме нивото на економска соработка“, истакна вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање и порача дека треба да се работи на развој на условите за водење на бизнис за компаниите, да се поедностават граничните и царинските процедури и да направат чекори кои ќе не приближуваат, а не оддалечуваат.

Претседателот на организациониот одбор за одбележување на Свети Сава и пратеник во Собранието на Република Македонија Иван Стоилковиќ, во неговото обраќање рече дека свети Сава е идеал на кој српскиот народ го усмерува националното битие и го зајакнува темелот на своето постоење.

„Енергијата на свети Сава е многу поголема и помоќна од сите наши недоразбирања“, нагласи Стоилковиќ.

На свеченоста во полната сала во МОБ присуствуваа потпретседателот на Народното собрание на Република Србија Верољуб Арсиќ, генералниот секретар на Владата на Република Српска Синиша Каран, пратеник на претседателот на Република Србија, Марко Ѓуриќ, претставници на меѓународниот кор во Република Македонија, пратеници, градоначалници и други.

извор: МИА