Заев: Да му дадеме на светот нов Балкан во кој нема конфликт

26 јануари, 2018 | 18:55 часот | 1.122 прикажувања |

Како дел од програмата на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, се одржа дебатата „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“, на која свое учество имаше и премиерот Зоран Заев.

На дебатата, на која учествуваа претседателите на Република Србија, Александар Вучиќ, и на Република Косово, Хашим Тачи, премиерите на Република Бугарија, Бојко Борисов, на Република Црна Гора, Душко Марковиќ, на Република, Хрватска Андреј Пленковиќ, на Република Албанија, Еди Рама, како и министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак, свој придонес имаа и Јоханес Хан, комесарот за соседска политика и за проширување на Европската комисија, потсекретарот за политички прашања на УНДП, Џефри Фелтман, како и извршни директори на неколку големи компании со свои бизниси во регионот Западен Балкан.

Премиерот Заев на дебатата порача дека земјите од Западен Балкан, без разлика на степенот на својот напредок во преговорите со ЕУ, може многу да придонесат за сите земји од регионот и за секој сосед доколку негуваат позитивен и искрен пристап и доколку некогашните и непродуктивни провокации, ги заменат со добра волја и дијалог. Тој како пример го истакна непосредното искуство на Република Македонија, која тргна кон решавање на отворените прашања со соседите наместо да ги злоупотребува за тесен политички интерес и дека не треба да се штеди на храброст да се решаваат наместо да се избегнуваат предизвиците.

Заев рече дека секој треба да покаже грижа за соседите, а лидерите на Западен Балкан треба да настојуваат да му дадат на светот нов Балкан во кој нема конфликт, туку само соработка и така да се стекне почитта и да се оправда поддршката на нашите стратешки партнери за регионот. Тој нагласи дека е важен напредокот на секоја од земјите од регионот и дека е илузија оти една земја ќе напредува правејќи ѝ штета на друга. Премиерот потсети дека на регионот му се ставени на располагање неколку рамки за развој и поврзување, како што е Берлинскиот процес, и дека останува и понатаму отворената опција за билатералните или мултилатералните проекти на земјите од Западен Балкан за кои постои отворена поддршка на ЕУ и на другите организации на меѓународната заедница.