СДСМ: Законот за употреба на јазиците не е спротивен на Уставот

24 јануари, 2018 | 17:17 часот | 666 прикажувања |

Законот за употреба на јазиците не е спротивен на Уставот, тврдат од СДСМ.

Од партијата велат дека Законот е во согласност со Уставот и Амандманот 5 и со неговото усвојување не губи никој, туку сите добиваат, а со тоа најмногу добива Република Македонија.

„Не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како единствен службен јазик и писмо на целата територија, во меѓународните односи, централната полиција, одбраната и монетарната политика. Законот не фаворизира, туку ја унапредува употребата на сите јазици на немнозинските заедници во Македонија која се гради како едно општество за сите граѓани“, се наведува со соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина сака да се вклучи во демократските и реформските процеси треба да ги надмине политиките на деструкција, поделби и раздор помеѓу граѓаните, кои што се уште ги застапува и промовира.