ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието за Законот за употреба на јазиците

24 јануари, 2018 | 17:08 часот | 859 прикажувања |

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која од средината на декември ја бојкотира работата на Собранието, в понеделник, 29 јануари, ќе се врати во законодавниот дом за да учествува на расправата за Законот за јазиците.

Според ВМРО-ДПМНЕ, инаетењето на предлагачите на сила да го истуркаат неуставниот закон за двојазичност не е на штета само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на Република Македонија.

„Одлуката на Владата да не го повлече законот и да не отвори конструктивна расправа за него може да предизвика долгорочни последици врз државата и да ја наруши кохезивноста меѓу граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е на страна на граѓаните и Република Македонија и затоа ќе стори сè во одбрана на државните и националните интереси. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група ќе сторат сè што е во наша моќ за да се спречи ваквата деструктивна политика. Пратеничката група ќе се врати во собраниските клупи и со амандмани ќе се обиде да го превенира донесувањето на неуставниот закон“, изјави Митко Јанчев, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Преку нашето присуство во парламентот, додаде тој, ќе се обидеме уште еднаш да ги убедиме пратениците од парламентарното мнозинство во ризикот од последиците на носењето овој закон, кој не само што излегува надвор од рамките на Уставот и Охридскиот договор туку ги става во подредена позиција на Турците, Ромите, Србите, Бошњаците и припадниците на сите други етнички заедници во Република Македонија.

„Законот има многубројни пропусти и затоа несфатливи се неконструктивното однесување на СДСМ и одбивањето на предлозите да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од правните факултети во државата, претставник од Кабинетот на претседателот на Републиката и од МАНУ. Сигурни сме дека ваквата дебата ќе придонесеше за подигнување на довербата и демократската атмосфера, што ќе резултираа со отстранување на неуставните елементи на овој закон за јазиците“, рече Јанчев.

Законот за јазиците месецов беше изгласан од парламентарното мнозинство, но претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише. Поради тоа, тој повторно се враќа во Собранието, а неговото трето читање е закажано в понеделник, 29 јануари.