Груевски, Јанакиески и Трајковски се изјаснија за невини во случајот „ТНТ“

24 јануари, 2018 | 12:34 часот | 478 прикажувања |

Поранешниот премир Никола Груевски, ек министерот Миле Јанакиески и поранешниот прв човек на Општина Гази Баба Тони Трајковски не чувствуваат вина за уривањето на зградата „Космос“ на Фијат Цаноски.

Тие заедно со уште четворица обвинети се изјаснија за невини во предметот „ТНТ“ што го води СЈО.

„Не се чувствувам виновен и не сум го прекршил законот“, скоро идентични беа изјавите на сите седуммина обвинети.

Во воведниот збор, обвинителите на СЈО рекоа дека е сторено кривично дело од политичка одмазда.

Според СЈО, обвинетите Груевски и Јанакиески ја искористиле политичката моќ и го урнале станбениот објект „Космос“ на политичкиот противник Фијат Цаноски, инвестиција вредна 30 милиони евра, а причината била само затоа што тој како претседател на политичката партија ПЕИ ја напуштил коалицијата со ВМРО ДПМНЕ и склучил коалиција со СДСМ, за парламентарните избори во јуни 2011-та.

Обвинителите од СЈО детално објаснуваа како се одвивала целата постапка и кажаа дека одмаздата од политички мотиви, Груевски и Јанакиески ја реализирале со тоа што ги злоупотребиле институциите и му нанеле штета на Цаноски од 16 милиони евра. Рекоа дека за ова имаат докази, сведоци и искази од оштетените, стручни мислења од архитектонскиот факултет, урбанистичко и економско-финансиско вештачење.

На судењето присуствуваше и претставник на правниот сектор на Амбасадата на САД во Скопје.

фото: Телма