Работна средба на министерот Димитров со ЕУ амбасадорите

22 јануари, 2018 | 15:10 часот | 441 прикажувања |

Министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средба со амбасадорите на земјите- членки на Европската унија во Република Македонија. Димитров ги информирал ЕУ амбасадорите за актуелните случувања и текот на отпочнатите реформи во Република Македонија.

Како што соопштија од МНР, Димитров ја реафирмирал македонската заложба за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ и неопходноста од обезбедување кредибилност на процесот на интеграција во ЕУ. Тој информирал за конкретните реформски активности, пред сѐ, во приоритетните сфери: правосудство, добро владеење, јавна администрација и следење на комуникациите.

Од страна на ЕУ амбасадорите, била изразена поддршка и беа упатени охрабрувачки пораки за досегашниот ангажман на владата. Истовремено била истакната важноста од континуирано одвивање на процесот на реформи како битна претпоставка за детерминирање на натамошниот тек и динамика на европскиот интегративен процес.  Во тој контекст, амбасадорите ја нагласиле неопходноста Република Македонија да се фокусира на имплементација на итните реформски приоритети.