Иванов-Бутарис: Покрај прашањето за името, соработката со Грција е на завидно ниво

16 ноември, 2017 | 16:23 часот | 159 прикажувања |

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис.

Изразувајќи задоволство од можноста за повторна средба, претседателот Иванов оценил дека и покрај отвореното билатерално прашање, соработката меѓу македонското и грчкото општество е на завидно ниво и посочил на потребата од нејзино натамошно унапредување.

„Република Македонија е подготвена за натамошно јакнење на соработката во сите сфери од заемен интерес кои ќе придонесат за нашата заедничка визија за регионална стабилност и просперитет, како и за заедничка сегашност и иднина во големото европско и евроатлантско семејство“, рече Иванов на средбата.

Тој го поздрави интензивирањето на дијалогот и напорите на двете земји за забрзување на процесот на имплементација на мерките за градење доверба и внесување нови содржини во билатералната соработка.

Според Иванов, од особено значење е натамошното продлабочување на економската соработка, усогласувањето и унапредувањето на правната рамка во интерес на бизнис-заедниците од двете земји, како и потребата за натамошно инфраструктурно поврзување, преку ревитализација на железничката мрежа и отворање нови гранични премини. Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на проектот Вардар – Морава – Дунав, што ќе придонесе за отворање нови можности за економиите, нови инвестиции и работни места.