Пападакис за Канал 5: Грците имаат поголем проблем со идентитетот, отколку со името

21 јануари, 2018 | 12:08 часот | 3.470 прикажувања |

Аналитичарот Јоргос Пападакис во изјава за Канал 5 вели дека Грција не ја интересира промена на името, туку идентитетот.

„Не би се согласил дека постои разлика или разни изјави од страна на Грција, дури од почетокот на тој апсурден спор оклу името на Македонија, изјавив неколку пати дека ставот на Грција е многу едноставен – Грција не ја интересира толку да се реши спорот за името, бидејќи не ја интересира како ќе се вика Македонија. Проблемот на Грција е единствено идентитетот на македонскиот народ и тоа постојано се гледа во последните 25 години“, вели Пападакис за Канал 5.

Промена на името на Република Македонија за Грција би значело и промена на идентитетот, додава Пападакис:

„Тоа е нешто за Македонците во светот, нешто свето, не може да се допира тоа. Затоа мислам дека нема суштинско ништо ново за да се промени ништо и да отидеме еден чекор понапред за прашањето на името“. 

Според Пападакис, прашањето за името кое постои 25 години, не може да се реши за три месеци.

„Од друга страна, Грција постојано со вакви изјави и лицемерности покажува дека не сака да се реши и целта на Грција е добивање на време за Македонија да остане вон ЕУ и вон НАТО, а второ и најважно, ако стигнеме до еден вид на решение тоа да биде новиот идентитет на македонскиот народ. Тоа на сите треба да ни биде јасно“, истакнува Пападакис.

За најавената средба на македонскиот и грчкиот премиер која треба да се одржи во Давос, тој вели дека тоа најверојатно ќе биде една козметичка средба која нема да реши суштински работи.

фото: МКД.мк