Захариева: Реално е Македонија да добие покана за преговори со ЕУ годинава

20 јануари, 2018 | 15:40 часот | 675 прикажувања |

Реално е Македонија да добие покана за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија годинава, покрај напредокот во разговорите за името и планот за реформи, изјави министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева за „Дарик“, пренесува Макфакс.

Министерката потсети дека Македонија има статус на кандидат за член на Унијата уште од 2005 година , но политиката на земјата за нерешавање на проблемите со соседите ја довела до 13-годишно задоцнување.

„Драго ми е што македонската Влада сфати дека политиката „против“ не е политика на европските вредности“, објасни Захариева.

Таа го оцени потпишувањето на договорот за добрососедство со Македонија како настан на 2017-та година.

„Многу Влади работеа на ова прашање и ме радува што конечно заврши. Уште поважно е што овој договор се почитува уште пред да стапи на сила. Лично јас не можев да замислам премиерите на двете земји заедно да застанат пред споменикот на цар Самуил во Софија или пред споменикот на Гоце Делчев во Скопје. Промената на ставот на политичко ниво се чувствува и кај луѓето“, додаде Захариева.