Собрани средствата за лекување на малата Валерија од Штип

16 ноември, 2017 | 12:18 часот | 142 прикажувања |

Илјадници луѓе се растажија од сторијата за малата Валерија и ги отворија своите срца за да му помогнат на малото девојче да продолжи да му се радува на животот.

Средствата потребни за лекувањето и операцијата на 7-годишното девојче, кое страда од тумор на мозокот, беа собрани преку донациските броеви на мобилните оператори Телеком и Вип. Броевите за донирање од вчера се затворени.

Хируршката интервенција е закажана во Турција и чини 40.000 евра.

Марина, мајката на Валерија, од срце им се заблагодари на сите кои на каков било начин помогнаа во собирањето на потребните средства.

„Благодарам Штип. Благодарам Македонијо. Благодарност и до луѓето кои живеат надвор од нашата земја и сите државјани од странство од се срце за хуманоста. Уште еднаш докажавте дека заедно можеме сè. Валерија ќе ви биде секогаш благодарна и ќе ви врати со нејзината насмевка. Со Господ напред, кога ќе се вратиме да си дојдеме со убава вест“ – стои во нејзината објава на Фејсбук.

Во однос на покривањето на трошоците за лекувањето, од Фондот за здравство истакнаа дека в петок ќе го имаат одговорот од првостепената комисија.

Мајката истакна дека средствата кои нема да бидат потрошени за лекувањето на малата Валерија, ќе бидат пренаменети за други дечиња на кои им е потребно лекување во странство.