Заев со став дека Законот за употреба на јазиците е во согласност со Уставот

19 јануари, 2018 | 19:35 часот | 2.068 прикажувања |

Законот за употреба на јазиците нема недостатоци. Ова е ставот на премиерот Зоран Заев по последната одлука на претседателот Ѓорге Иванов кој реши да не го потпише указот со кој овој закон стапува во сила.

Одговарајќи на новинарски прашања, Заев денеска во Струга посочи дека треба да се има доверба во системот, а решенијата од Законот воопшто не се фалични, како што биле наречени од Иванов.

„Сѐ што е донесено во рамките на законот за унапредување на јазиците е согласно амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Јас уште еднаш ја испраќам пораката дека е вредно да се заложиме за едно општество за сите. Ова е наша мајка Македонија, на сите граѓани, без разлика на нашата етничка, религиска, па дури и политичка определба“, рече Заев, додавајќи дека треба да се има доверба во институциите на системот.

„Се надевам дека ако нешто не е буквално во согласност со Уставот, постои Уставен суд, Венецијанската комисија ќе го каже своето мислење, но и да внимаваме сите со пораките, поради тоа што навистина треба и ова политичко прашање конечно да спласне, да се посветиме на подобар живот и подобри перспективи за сите граѓани“, посочи Заев.

Претседателот Иванов во средата одлучи да не го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците и истиот го нарече репресивен и противуставен. Иванов вчера изјави дека поради недостаток на време и волја се нудат фалични решенија за правосудниот систем и за системот за национална безбедност, се носат решенија кои се контрапродуктивни кои наместо соживот носат поделби.