Столтенберг: Силна Србија значи поголема стабилност за Западен Балкан

16 ноември, 2017 | 11:00 часот | 224 прикажувања |

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по средба со претседателот Александар Вучиќ изјави дека силна и просперитетна Србија значи поголема безбедност и стабилност во регионот на Западен Балкан.

Норвешкиот политичар истакна дека партнерството меѓу НАТО и Србија се развива добро и не постои конфликт помеѓу воената неутралност на Србија и соработката со Алијансата. Столтенберг изрази задоволство од предлогот на Србија следната година да биде домаќин за заеднички воени вежби за брза реакција при елементарни непогоди.

„Го поздравуваме фактот што можеме да се состанеме на сличен начин бидејќи НАТО и Србија се соочуваат со заеднички предизвици и соработката со Алијансата може да биде од корист за Србија и за регионот. Нашето партнерство ја прави Србија побезбедна, додека партнерите на НАТО се чувствуваат порелаксирани“, рече генералниот секретар на Алијансата.

Столтенберг нагласи дека НАТО и Србија секоја година заеднички спроведуваат повеќе од 100 „партнерски активности” и дека Алијансата работи на реформите во безбедносните институции во Србија, обучувајќи српски офицери за мировни мисии. Во текот на годината имаше 24 заеднички воени вежби меѓу НАТО и Србија, рече Столтенберг.

За возврат, Вучиќ повика НАТО да остане во Косово. Српскиот претседател истакна дека Белград цврсто стои зад одлуката за воена неутралност, но исто така и зад идејата да развива соработка со НАТО.

„Им се заблагодарив на Столтенберг и на земјите-членки на НАТО за одржувањето на мирот и стабилноста на Косово. Улогата на НАТО во гарантирањето на безбедноста на нашиот народ, но и на нашите светилишта, е од најголема важност “, рече Вучиќ.