Столтенберг: Сакаме вашата земја да биде дел од НАТО, името треба да се реши

18 јануари, 2018 | 12:44 часот | 3.747 прикажувања |

Со говор кој траеше триесетина минути и во кој десетина пати го употреби изразот „вашата земја и оваа земја“ како замена за името Македонија, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се обрати пред пратениците во македонското Собрание.

Првиот човек на НАТО изрази надеж дека нашата земја ќе стане дел од како што го нарече „најуспешниот воен сојуз во светот“.

„Има уште место пред седиштето на НАТО за знамиња. Минатата година Црна Гора стана 29 членка и тие сега се рамноправен член на Алијансата. Ние сакаме да бидете дел од нашето семејство, но има уште работа. Тука пред се, мислам на решение на проблемот со вашето уставно име, со Република Грција“, рече Столтенберг.

„Усвојувањето на Законот за јазици беше важен чекор. Го нотираме напредокот за транспарентност и одговорност. Судските реформи мора да продолжат. Се надеваме дека ќе видиме напредок во реформите за изборите, медиумите. Сите имате одговорност. Не само да носите закони, туку и да бидете слободна и демократска земја, каде се почитува правото. Тука, голема улога има и опозицијата. Ние ја препознаваме и суштинската улога на граѓанското општество“, рече Столтенберг.

Според него, добро е да се покажат добри односи со соседите, а и честиташе на владата за Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Од суштинско значење на НАТО да видиме како инвестирате во вашата одбрана. Ние сме воена алијанса, да си помогнеме во одбраната. Со начелото еден за сите-сите за еден. Сакаме да ја видиме вашата земја како се движи кон овие цели“, посочи генералниот секретар на НАТО.

Тој рече дека Македонија пред девет мееци била на работ на бездната, а сега е држава на реална можност.

„Но, постои уште многу што треба да се направи. Вие ги имате алатките и визијата, во НАТО имате вистински пријател“, додаде Стонтелберг.

фото: Република