Димитров: Посетата на Столтенберг е охрабрување за нашите напори за влез во НАТО

18 јануари, 2018 | 12:11 часот | 462 прикажувања |

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на неговата прва официјална посета на Република Македонија.

„Министерот Димитров нагласи дека посетата на генералниот секретар на НАТО е од круцијално значење за Република Македонија и претставува силно охрабрување за нашите напори 2018 година да биде историска година за земјата како и за регионот. Изрази голема благодарност за континуираната поддршка за евро – атланската интеграција на Република Македонија и очекување за позитивен исход од претстојниот Самит на НАТО во јули оваа година“, соопшти МНР.

Димитров на средбата го информирал Столтенберг за проактивниот дипломатски ангажман на Република Македонија за реализирање на надворешно-политичките приоритети – добивање покана за членство во НАТО и датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Столтенберг ја потврдил политиката на отворени врати на НАТО, го изнел својот позитивен впечаток од демократскиот развој во земјата, искажувајќи поддршка за реформските процеси на Владата на Република Македонија. Воедно, соопшти МНР, Столтенберг изразил и охрабрување да се искористи позитивниот моментум на земјата со цел реализација на нејзината евро-атлантска аспирација.