Бугарското собрание едногласно го ратификуваше Договорот со Македонија

18 јануари, 2018 | 10:53 часот | 744 прикажувања |

Националното собрание во Бугарија денеска едногласно го ратификуваше Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија.

Ратификацијата на Договорот беше поддржана од 186 пратеници, а во салата присуствуваше и македонскиот амбасадор во Бугарија, Маријан Ѓорчев, пренесуваат бугарските медиуми.

Во понеделникот македонското Собрание со 61 глас „за“ и еден „воздржан“ го изгласа Предлог-законот за ратификација на Договорот кој беше потпишан на 1 август минатата година, од премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, вчера во Европскиот парламент рече дека Бугарија и Македонија се пример во регионот за решавање на проблемите.

Говорејќи за интеграциите во регионот, Борисов потенцираше дека ЕУ треба да им каже на земјите од Западен Балкан кога ќе бидат прифатени во Унијата и рече дека Македонија и Бугарија се вистински пример за решавање на проблемите, откако двете земји се согласија на потпишување на Договорот за добрососедство.

Од страна на премиерот Борисов беше изразена надеж дека и македонско-грчкиот спор наскоро ќе биде решен и дека Македонија во брзо време ќе стане членка на НАТО и на ЕУ.

Но во бугарскиот парламент имаше и поинакви толкувања на Договорот. Пламен Манушев, пратеник од ГЕРБ Договорот за добрососедство со Македонија ќе им овозможи на сите кои се чувствуваат како Бугари во Македонија тоа да го кажат слободно, да не се плашат дека се Бугари.

Денес е историски ден за Бугарија. Само пред 26 години во овој парламент, државата ја призна Македонија како независна држава“, рече тој.

„Нашите народи, кои во минатото беа едно, и понатаму ќе бидат такви и договорот го дозволува тоа. Договорот не е предавство, тоа е историски продор во односите меѓу двете братски нации“, додаде Пламен Манушев.