Иванов: Донесов одлука да не го потпишам указот за Законот за јазиците

17 јануари, 2018 | 17:44 часот | 26.065 прикажувања |

Законот за употреба на јазиците е изгласан од страна на пратениците без јавна расправа, без научна дебата и без вклученост на академската и експертската јавност и опозицијата. Ова го истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов во неговото денешно обраќање кон нацијата, образложувајќи зошто донел одлука да не го потпише указот за Законот за употреба на јазиците.

„Уште пред да биде изгласан законот нагласив дека не е добро прашања кои веќе се апсолвирани повторно да се отвораат за добивање на краткорочни политички поени, а на штета на трајните интереси на Република Македониј и македонскиот народ“, рече Иванов.

Тој потсети на неговото последно годишно обраќање кога потенцирал дека законот е донесен со европско знаменце, без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското со законодавството на Унијата.

„Со овој Закон Република Македонија ќе стане единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата, кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија беа игнорирани. Европското знаме е злоупотребено за да се донесе закон со кој се менуваат системски закони кои пак се носат со двотретинско мнозинство“, рече претседателот, додавајќи дека со законот се воведува многу скап паралелизам што води кон целосна блокада на и нефукционалност.