Рокот истекува утре на полноќ: Иванов треба да се изјасни за Законот за јазици

17 јануари, 2018 | 13:06 часот | 498 прикажувања |

До утре на полноќ  трае законски предвидениот рок во кој македонскиот претседател Ѓорге Иванов треба да се изјасни за тоа дали ќе го потпише указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците или истиот ќе го врати во Собранието, со или без забелешки.

Собранието го донесе Законот за употреба на јазиците на 11 јануари, а потоа текстот беше испратен во кабинетот на претседателот.

Дилемата за тоа дали Иванов ќе го потпише указот и дали законот ќе го врати со забелешки до Собранието, за што има право предвидено со Уставот и со Деловникот, беше отворена по неговото редовно годишно обраќање во Парламентот во кое кажа дека законот е неуставен и претставува закана по унитарноста на државата.

Неговата одлука за законот, рече тогаш Иванов, се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот, посочи Иванов, мора да биде во согласност со Уставот и усогласен со македонското законодавство.

Претседателот Иванов може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, според членот 75 од Уставот на Република Македонија, Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и доколку законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.