Судот го одби барањето на Тарчуловски да го следи Столтенберг во Собрание

17 јануари, 2018 | 12:56 часот | 501 прикажувања |

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Јохан Тарчуловски кој се наоѓа во домашен притвор за собраниските инциденти од 27 април нема да може да го следи утрешното обраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Собранието. Оваа одлука ја донесе Основниот суд Скопје 1.

„Постапувајќи по барање на обвинетиот Ј.Т. да добие дозвола од судија на претходна постапка да се оддалечи од местото каде што ја издржува мерката куќен притвор како би можел да присуствува на обраќање во Собранието на Р.М., судијата на претходна постапка, м-р Ненад Савески, кој постапува по барањето, го извести лицето дека не му се дозволува да се оддалечи, на одредено време од местото каде што ја издржува изречената мерка“, соопшти судот.

Според судот, ваквата одлука е донесена во согласност со одредбите од член 163, став 2 од ЗКП, според кои, поднесеното барање на обвинетиот не претставува исклучок од законската одредба.

Член 163, став 2, точка 1 и точка 2 од ЗКП гласи: „На лицето против кое е определен куќен притвор судот може, по исклучок, да му определи да се оддалечи за определено време од станот или од друг простор ако тоа е потребно за лекување или тоа го бараат посебните околности поради кои може да настапат штетни последици за животот, здравјето или имотот на лицето или неговите блиски“.

Од партијата на Тарчуловски вчера потврдија дека се враќаат во Собранието, но само за да го следат обраќањето на првиот човек на НАТО.