Македонија ќе ги признае патните документи на Интерпол

16 јануари, 2018 | 18:13 часот | 513 прикажувања |

Владата на Република Македонија и Меѓународната организација за криминалистичка полиција – Интерпол ќе потпишат договор за признавање на патниот документ на Интерпол. Ова денеска било договорено во Лион од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и генералниот секретар на Интерпол Јирген Сток.

Со овој договор, Македонија ќе го признае патниот документ и ќе ги ослободува од виза при влез и/или излез од државата неговите носители кога вршат службени задачи од делокругот на надлежности на Интерпол.

Министерот Спасовски претходно на средбата со Сток во седиштето на Генералниот секретаријат на Интерпол, рече дека ефикасната борба против организираниот криминал, тероризмот, насилниот екстремизам,… зависи од тоа колку брзо ќе имаме размена на информации и податоци.

„Ова е исклучително важна посета, особено во моменти кога имаме сериозни предизвици на глобално ниво. Ми причинува огромно задоволство што генералниот секретар на Интерпол оддаде признание за напорите кои што Македонија ги прави за реформи во МВР, како и за професионалниот пристап во соработката со Интерпол“, изјави Спасовски по средбата со Сток.

Тој го поканил генералниот секретар на Интерпол да ја посети Република Македонија, што ќе биде, рече, од особено значење за праќање порака за заедничка борба против криминалот и корупцијата и против сите глобални предизвици.