Десет години од смртта на Кљусев, првиот премиер на независна Македонија

16 јануари, 2018 | 10:35 часот | 688 прикажувања |

На денешен ден се навршуваат 10 години од смртта на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев.

Освен премиер, тој беше и економист, универзитетски професор, истражувач, општетсвеник и член на МАНУ.

Кљусев бил роден на 2 октомври 1927-та година во Штип, а во периодот од 1942 до 1945-та година учествувал и во Антифашистичката борба во Скопје. Во 1947 година заминал на студии на Економски факултет во Белград, каде бил уапсен и испратен на Голи Оток, поради што две години бил исклучен од Универзитетот. Дипломирал економија во Белград во 1953 година, а докторирал во 1964 година.

Кљусев беше првиот премиер на првата експертска Влада на Република Македонија во периодот од 1991-1992 година, период во кој беше воведена македонската валута и формирана Армијата на Репблика Македонија.

„Некои агресивни политички аспирации кон Македонија говорат дека по референдумот Македонија ќе биде неспособна економски да опстојува, безбедносно да егзистира, а преку разни памфлети се сее страв дека доколку граѓаните на Македонија гласаат на референдумот ќе доживеат сиромаштија и војна. Македонија ќе опстојува и по референдумот!“, изјави Кљусев во предвечерието на осмосептемврискиот референдум од 1991 година.

По премиерската функција, Кљусев во периодот од 1 декември 1998 до 28 јули 2000 година беше министер за одбрана во Владата на Љубчо Георгиевски, а во 2006 година беше именуван од Владата на Република Македонија за претседател на Управниот одбор на Агенцијата за директни странски инвестиции.

Почина на 16-ти јануари, во 2008-та година, на 80 годишна возраст.