Совладана Црна Гора, македонските ракометари прво место во групата

15 јануари, 2018 | 22:28 часот | 468 прикажувања |

Македонската ракометна репрезентација вечерва ја совлада селекцијата на Црна Гора со 29 спрема 28 во вториот меч од натпреварите во групи. Со тоа, Македонија ја осигура првата позиција на табелата со 4 бода, пред Германија со 3 и Словенија со 1 бод, додека Црна Гора нема бод.

Македонија дуелот со Црна Гора го почна со водство од 2:0 и 4:2, но потоа противникот направи серија од 6-1 за водство од 8:5 за првпат три разлика. На истекот од 20.минута по контрата на Георгиевски, Македонија изедначи на 10:10 и потоа следеше контра на Манасков за 11:10. По играта гол-за-гол, Црна Гора го искористи исклучувањето на Јоновски за да поведе со 14:13. На полувреме противникот го задржа водството (16:15) од гол предност, откако во финишот на првиот дел имавме серија од две исклучувања.

По водството на Црна Гора од 19:17, Македонија излезе од летаргијата и со серија од 4-0 ја „материјализираше“ предноста од играч повеќе (два гола на Кузмановски) за 21:19. Во 48.минута Македонија по двата гола од контра имаше највисоки +4 (24:20). Падот на играта на Македонија го искористи ривалот и во 55.минута намали на 27:26. Грешката на Црна Гора во нападот Миркуловски ја казни откако ја одзема топката и контрата ја заврши за водство од 28:26. Со играч повеќе во 59.минута гол за потврда на победата постиган Филип Лазаров, а нападот на Црна Гора го одбрани Ристовски.

Најдобар стрелец кај Македонија беше Кумановски со 5 голови.

Утре е слободен ден, во среда на 17.јануари Македонија од 18:15 часот игра против европскиот првак Германија.