Димитров: Површните фрази од типот „го браниме името“ не соодвествуваат со реалноста

13 јануари, 2018 | 11:31 часот | 4.230 прикажувања |

Предлог немаше воопшто на масата. Одлучивме да го охрaбриме медијаторот Метју Нимиц што е можно побрзо, можеби уште сега идната среда, да излезе со една првична рамка што ќе даде надеж за суштински напредок. Најавивме спремност како министри да се вклучиме во тој процес, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

„Факт е дека меѓу нас има уште разлики и ќе видиме дали ќе биде можно тие разлики да ги надминеме. Многу е важно за Грција да има појасна дистинкција меѓу државата Македонија и регионот Македонија во Грција. За нас е многу важно да нема никаков сомнеж во идентитетските прашања и многу е важно да најдеме достоинствен начин“, вели Димитров.

Според него, Уставното име на важни конференции ние го немаме зашто сме преставени како ФИРОМ. Димитров смета дека површните фрази од типот „Го браниме името“ не соодветствуваат со реалноста.

Предлогот на Нимиц нема да биде земи или остави, туку предмет на консултации за да видиме дали можеме да изградиме заеднички став. Ова е еден товар што заеднички мора да го носиме. Прашањето за идентитетот создава една несигурност – што сме ние од утре.  Ако тоа го доведеме во прашање тогаш нема да ја надминеме оваа рамка, вели македонскиот министер за надворешни работи.

Според него, прашањето како ние се чувствуваме и нашиот идентитет не смеат да бидат предмет на амин на една соседна држава ниту на една меѓународна организација.

„Јас сум убеден дека тоа ќе успееме да го покриеме, но тоа не е доволно. Дистинкцијата на нашата држава Македонија и нивниот регион Македонија мора да се направи на начин што ќе биде достоинствен и што ќе биде прифатлив и за нас. Третото прашање е каде таа дистинкција ќе се применува и тн. и тие две прашања се врзани. Ќе треба доверба и со чист образ да излеземе во јавноста и да го браниме и наша заедничка одлука како граѓани“, посочува Димитров во интервјуто за ТВ 21.