Разговори за името на Македонија во декември, Нимиц со нов предлог

15 ноември, 2017 | 17:49 часот | 160 прикажувања |

Разговорите за разликата за името меѓу преговарачите на Македонија и Грција со посредникот Метју Нимиц што требаше да се одржат кон крајот на овој месец се одложени. Како што информираше премиерот Заев,  средбата ќе биде закажана дополнително од медијаторот Нимиц, по барање на грчката страна, најверојатно во декември во Брисел со преговарачите Адамантиос Василакис и Васко Наумовски.

„Јас споделив информација при посета во странство, транспарентни сме, секој пат тоа го кажуваме. Состанокот го закажува Метју Нимиц, а уште вечерта ми стигна информација дека состанокот е одложен. Таа средба е замислена, барем како што знам, медијаторот Метју Нимиц да се види со преговарачките тимови, на политичко ниво нема министри, премиери, претседатели и слично. Очекуваме тој да ги потврди конечните датуми“, изјави премиерот Заев.

Според грчките медиуми, Нимиц по подолго време ќе излезе со конкретен предлог за решавање на спорот. Шефот на грчката дипломатија Коѕијас посакува решавање на спорот во првата половина од 2018-та година.

Се очекува на средбата со Нимиц, Грција да побара отстранување на споменици и преименување на аеродромот „Александар Велики“, како доказ дека новата македонска влада е за подобрување на меѓусоседските односи.