Коѕијас и Димитров разговараа за името далеку од очите на јавноста

11 јануари, 2018 | 20:57 часот | 917 прикажувања |

Непознато место, непознато време. Потврда само дека има средба. Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција разговараат за името. Канцелариите на двајцата министри кусо известија дека главни теми кои ќе се разгледуваат се прашања од билатерален интерес, како и на понатамошно зајакнување на мерките за градење доверба.

Дали се ова клучни консултации меѓу Димитров и Коѕијас, ден по посетата на вицепремиерот за евроинтеграции, Османи во Атина и шест дена пред новата рунда разговори во Њујорк меѓу двајцата преговарачи? Во интерес на разговорите, вклучените во процесот засега не откриваат никакви детали. Двете министерства најавија соопштение по средбата.

Познато е дека на 17-ти месецов, освен Нимиц, предлози можат да поднесат и Наумовски и Василакис доколку имаат.

Инаку средбата на двајцата шефови на дипломатии се случува на денот кога во Скопје се одржа вториот состанок на Европската служба за надворешни работи со политичките директори на земјите од Западен Балкан, на кој се разговараше за европската перспектива на шесте земји, усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и актуелната ситуација во регионот.

извор: МРТ