Мико до Македонците: Се откажете ли од името и од идентитетот, тоа ќе биде засекогаш!

11 јануари, 2018 | 17:58 часот | 9.597 прикажувања |

Американецот Џејсон Мико, поддржувач на Македонија и на Македонците веќе над две децении, во својата најнова колумна го предупредува македонскиот народ дека откажувањето од името и од идентитетот не е опција, бидејќи ако еднаш го сторат тоа, тоа ќе биде засекогаш.

„Речиси е невозможно да се следи сето тоа – бран од статии, анализи и коментари за таканареченото ‘прашање за името’ што Грција го има со Македонија. Секојдневно – честопати и во текот на денот – тоа e присутно во дигиталната сфера – и за него пишуваат и тие што го следат ова прашање со години, како и обични набљудувачи кои мислат дека знаат нешто за ова прашање, но одвај дали и ги откриваат своите имиња. Нешто што недостига кај сите нив, како и да е, е нешто за кое ќе продолжам да пишувам – станува збор за нешто повеќе од ‘името’ -станува збор за идентитетот.

Пример број еден: напис во ‘Грик рипортер’ дава доста добар историјат на прашањето, потсетувајчи ги читателите дека во 1992 година ‘Советот на министри под премиерот Константинос Мицотакис’ се состана и побара, меѓу другото, Македонија ‘да признае дека во Грција нема македонско малцинство’. Во сите вербални обиди напред-назад при креирањето ново име (според медиумските извештаи, Зоран Заев и неговата влада сакаат тоа да биде само за меѓународна употреба) тоа што недостига е дека ново име, ако се согласи Владата на Македонија предводена од СДСМ, фундаментално ќе го промени идентитетот на тие што живеат во Република Македонија и ќе се прошири на сите тие што живеат насекаде, вклучувајќи ја и Грција, кои се нарекуваат себеси Македонци. Тоа ќе се прошири исто така на сè што сега се нарекува ‘македонски’ – јазикот, Црквата, уметноста, спортот, културата, извозот на земјоделски производи – буквално сè.

Но, да почнеме со последниот развој од македонска страна. Македонскиот премиер Зоран Заев неодамна (8 јануари) за грчки медиум изјави дека – а) тој нема црвени линии и б) тој веќе има решение (мислејќи на ново име) на ум, но нема да го каже никому. Вицепремиерот Бујар Османи, кој ненадејно ја презеде улогата на министер за надворешни работи од Никола Димитров, кој исчезна, за друг медиум во понеделникот на 8 јануари изјави дека не би требало да зборуваме за референдум сега. Потоа во вторникот на 9 јануари, според ‘Грик рипортер’, се вели дека рекол: ‘Можен референдум… за прашањето за името би можел да им наштети на претстојните преговори. Референдум за прашањето за именувањето не би требало да се наметне на домашната политичка сцена, ниту би требало да биде предмет на партиски препукувања’. Само пред неколку недели т.н. претседател на Собрание, Талат Џафери, на Македонците им кажа дека навистина нема потреба за референдум и оти Парламентот, едноставно, да го прифати новото име. Збунувачки, вицепремиерот Кочо Анѓушев, според извештаите, изјавил дека ‘Нова’, ‘Северна’ или ‘Горна’ му се прифатливи, но во исто време нагласил дека ‘македонскиот идентитет и јазикот се црвената линија од која не би требало да се отстапува’. Мислам дека тоа што може да се потцрта тука е – а) има многу конфузни и контрадикторни пораки што доаѓаат од Владата на Заев/СДСМ и б) тие ќе кажат сè што мислат дека треба да биде речено со кого и да зборуваат со цел да постигнат договор.

Но, се разбира, договорот е далеку од извесен. Гледајќи на грчка страна, и за овој дел, грчкиот премиер Алексис Ципрас изјави за грчкиот весник ‘Риал њуз’ дека ‘Македонска република Скопје’ би било прифатливо за него, но исто така и дека Македонија мора да го преименува својот аеродром во Скопје, да отстрани одредени споменици и да се согласи за ново име ерга омнес. Тој исто така нагласи, според весникот, дека ‘сите имиња споменати порано се ставени на преговарачката маса кај посредникот на ОН, Метју Нимиц. Атина нема позитивно расположение за предлозите за име како Северна, Горна или Нова Македонија, неодамне споменати од вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тие имплицираат дека постојат две или повеќе Македонии. Вреди да се наведе дека членовите на Владата во Атина позитивно гледаат на предлогот Македонска република Скопје’. Од нивна страна, грчките граѓани и организации се мобилизираат да обезбедат дека грчката Влада нема да прифати никакво име што во себе ќе го содржи зборот ‘Македонија’. Бројни грчки официјални лица, асоцијации, културни фигури и други се навраќаат на договорот од 1992 година на тогашните лидери на Грција, кои изјавија дека тие никогаш нема да прифатат зборот ‘Македонија’ да биде во ‘новото име’. Во исто време, грчки официјални лица, вклучувајќи ги Ципрас и министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, ги критикуваа Заев и неговата Влада дека не прават ништо освен што зборуваат, изјавувајќи дека ‘резултатите досега не се охрабрувачки’. Да бидеме фер кон нив, Заев и неговата Влада кажаа големо количество зборови, но сè уште не направија ништо од тоа што велеа дека ќе го сторат, оставајќи простор за интерпретација на нивните акции. Мислам дека, кога ќе се подвлече линија, со респект кон грчките официјални лица, медиуми, асоцијации и останати, заклучокот е дека тие испраќаат и контрадикторни и конфузни пораки и оти не сите политички лидери се тука.

Сметам – и се надевам – дека Македонците од сите политички провениенции се будат пред можноста од губење нешто скапоцено, нешто од кое не треба да се откажат – самото нивно име и самиот нивен идентитет. Нема причина да се преговара за вашето име и идентитет, но токму тоа се обидува да го прави сегашната Влада на Македонија. Македонија има други алтернативи за ЕУ и со сè, освен со името, е членка на НАТО. Тоа с еопциите за кои мораме да дискутираме, бидејќи откажувањето од вашето име и идентитет воопшто не е опција. Го сторите ли тоа еднаш, тоа ќе биде засекогаш“, нагласува Мико во колумната што ја пренесува порталот „Свест.мк“.

извор: Експрес.мк