Tони Дескоски: Срцевината на спорот за името според грчката страна е дека Македонија е измислена нација

11 јануари, 2018 | 10:11 часот | 5.562 прикажувања |

Професорот на правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, Тони Дескоски во своето гостување во емисијата Топ Тема на телевизија Телма истакна дека грчкиот став оти Македонија е измислена нација е срцевината на спорот за името. Дескоски не верува дека Грците ќе се откажат од она што според нив е суштина на спорот.

Во однос на подобрување на добрососедските односи помеѓу двете држави кој би го донело евентуалното решение на спорот, тој вели дека прашањето на добрососедски односи и пријателство со Грција е решено со времената спогодба.

Токму првиот дел А што стои пред првиот член од времената спогодба го носи името пријателство и мерки за доверба. За професорот ова е важен податок со кој не е запознаена македонската јавност, односно дека Македонија и Грција веќе имаат склучено договор за добрососедство уште во 1995 година со времената спогодба.

Во времената спогодба само едно прашање е оставено отворено во договорот за добрососедство, а тоа е спорот со името. Македонската страна има позиција дека времената спогодба е траен договор, односно дека прашањата кои се таму договорени нема да се предоговораат додека на другата страна е грчката позиција дека привремената спогодба треба да се предоговора, бидејќи Грција очекува нови отстапки од Македонија додаде тој.

Имено професорот потенцираше дека нешто кое македонската дипломатија треба да го артикулира е дека времената спогодба е траен договор за мир и добрососедство и едно прашање за кое треба да се преговара и договори.

„Дополнително не смееме да прифатиме ништо друго да се договара, бидејќи со тоа ќе се отвори пандорината кутија и не ќе може да се дојде до решение, опозициската Неа Демократија во Грција го бара токму ова. Од денот на потпишување на времената спогодба грчката страна се обидува да побегне од нејзе“, вели Дексоски.

Според Дескоски, клучен пропуст на македонската дипломатија е што не се користи со пресудата на меѓународниот суд за правдата.

„Во пресудата се докажува дека Грција е страна која го крши договорот за добрососедство, а нашата пак дипломатија нема истакнато дека добрососедските односи помеѓу двете држави ги загрозува токму оној кој го крши договорот за добрососедство. Грција се уште се држи до тезата на Самарас за македонски иредентизам, проблемот нема да се реши доколку Грција не мрдне милиметар и попушти во спорот, а сите наводи се дека Грција нема да направи отстапка и ќе остане вкопана во ров. Во пресудата на меѓународниот суд за правдата наводите за иредентизам на Грција со судска пресуда се покажани како невистините односно лажни. Со пресудата целокупната надворешна политика на Грција беше осудена, а ние пак одбиваме да ја користиме и се надеваат дека Нимиц ќе даде усогласен предлог, Нимиц може да предложи Нова, Северна или Горна Македонија, предлози кои во нашата држава не можат да се прифатат“.