Партијата на Трајанов бара решението за името да го донесе Собранието без референдум

10 јануари, 2018 | 10:54 часот | 11.410 прикажувања |

Демократскиот сојуз смета дека постигнувањето на компромис за надминување на спорот околу нашето Уставно име, наметнат од Грција, е прашање за кое е потребен и политички и граѓански консензус.

Според нив, за да се дојде до решение е неопходна политичка храброст, одговорност и лидерство.

„Решението кое не го загрозува нашиот идентитет, јазик и достоинство,може да биде основа за ги деблокира евроатланските процеси и Македонија да добие покана за членство во НАТО и започнување на пристапните преговори за влез во ЕУ. Но каков и да е компромисниот договор, конечната одлука треба да ја донесе Парламентот, со што народните избраници ќе ја преземат одговорноста за иднината на државата како легитимни претставници на народот. Референдумот може да биде алиби на политичките водства и да го сруши целокупниот процес, доколку претходно не се обезбеди политички -партиски консензус. Затоа ја возобновуваме идејата за консултативен референдум“, порача Демократскиот сојуз преку соопштение испратено до јавноста.

Демократскиот сојуз апелира сериозно да се размисли за идејата за одржување на консултативен референдум, на кој граѓаните ќе се изјаснат пред да се постигне конечен договор помеѓу Македонија и Грција.

Додаваат дека стратешки, национален и државен интерес е Република Македонија да стане членка на НАТО и Европската Унија, а зад тој интерес стојат граѓаните.