Со 66 гласа „за“ пратениците одлучија дека има потреба од Законот за јазици

15 ноември, 2017 | 17:32 часот | 188 прикажувања |

Со 66 гласа за и 41 против Собранието ја донесе потребата од донесување на Закон за употреба на јазиците со кој се официјализира употребата на албанскиот јазик на сите нивоа и на целата територијата на државата. По ова следи амандманската расправа, која според најавите на претседателот на Комисијата за европски прашања како матично тело за овој закон, ќе почне симболично на 22 ноември, на денот на албанската азбука. Амандмани најавија сите пратенички групи освен ДУИ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ гласаше против ваквиот закон. Како што објасни Илија Димовски овој закон е противуставен, дискриминаторски и со него нема да престанат барањата на Албанците околу малцинските права. Партијата ќе поднесе поголем број на амандмани.

„За жал овој закон не обединува туку разделува….прави паралелни општества и не прави мултиетничко општество, туку ќе ја направи Македонија бинационална, бикултурна и бијазична“

Амандмани ќе има и владејачката СДСМ, како што рече координаторот Тунтев, на оние одредби кои можат да предизвикаат различни толкувања. Според него законот е Уставен и со него не се предвидуваат двојазични пари или пак, двојазични униформи.

„Нема ниту една одредба во законот со која се принудува некој да учи втор или трет јазик туку со него ќе се унапредат сите јазици и македонскиот и албанскиот и босанскиот и српскиот…“

Според него, со ова се затвора прашањето на употребата на албанскиот јазик и во целост се имплементира Охридскиот рамковен договор. За разлика од Тунтев, коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ смета дека со овој закон за унапредува употребата на албанскиот јазик, а не се постигнува целосна двојазичност.