Касами: Нема раскол – Каремани: Добивав закани по живот

9 јануари, 2018 | 17:47 часот | 519 прикажувања |

Нема раскол и нема две движења БЕСА, тврди Биљал Касами. За внатрепартиските случувања рече дека станувало збор за лични интереси и амбиции на членови кои сакале да се наметнат во партијата. Ги охрабрува да се држат до статутот, пренесува МРТ.

Касами потврди дека и тој ќе биде во трката за лидер на партијата. Демантира дека во партиското седиште во Скопје влегол насилно. Останува на чело на БЕСА, бидејќи како што рече, така било решено на последниот состанок во Тетово. Прашан каде е партискиот печат, вели дека не се борат за него.

Касами додаде дека средбата со премиерот Заев била договорена претходно. Негира дека е поврзана со настаните во партијата. Пратеникот и според скопското крило, привремен претседател на партијата Неџбедин Каремани, во Собранието изјави дека имал закани по неговиот животот. Ги знае, вели, оние што му се заканувале, ги пријавил во полиција, а ќе го известел и меѓународниот фактор.

Она во што се согласуваат Касами и Каремани е дека нема скопско и тетовско крило, дека движењето БЕСА е едно. Сепак, и натаму е нејасно, кога партијата ќе одржи конгрес. Централниот совет што се одржа во Скопје, го разреши Касами од лидерската позиција и избор на нов закажа за 21-ви февруари, а на состанокот во Тетово беше заклучено Касами да ја води партијата сѐ дека највисокиот партиски орган не избере нов лидер на 24-ти февруари.

извор: МРТ