Наумовски и Василакис ќе разговараат за името на 17 јануари во Њујорк

9 јануари, 2018 | 14:43 часот | 411 прикажувања |

Новата рунда разговори за решавање на спорот за името ќе се одржи на 17 јануари во Њујорк, потврдија од МНР за МИА.

Предвидено е медијаторот на ОН Метју Нимиц да се сретне со преговарачите од Македонија и од Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.

Последната рунда разговори за името, по тригодишен застој, се одржа во Брисел на 11-ти и 12-ти минатиот месец.

Тогаш беше најавено дека медијаторот Нимиц секој месец ќе одржува средби со преговарачите, со цел да се најде решение.

Новата рунда разговори доаѓа во период на интензивирани активности и оптимизам во Скопје, Атина, Брисел и Вашингтон, за конечно затворање на дводеценискиот спор за името.

Премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во изминатите денови изјавија дека постојат можности да се најде решение за спорот во првата половина на 2018 година.

извор: МИА