Проблематичниот старт на Google Pixel 2

24 октомври, 2017 | 22:17 часот | 251 прикажувања |

Објавувањето на втората генерација смартфони на Alphabet – Google Pixel, е попречено од проблеми со екранот, со цените и понудата. што ја принуди компанијата да започне истрага и да упати неколку наврати извинувања кон своите корисници, пренесе Ројтерс.

Pixel 2 и Pixel XL, кои се со почетна цена од 649 долари и се комерцијално достапни од четвртокот минатата недела, стојат во основата на напорите на Google да го нападне директно iPhone на Apple.

Првите корисници на Pixel 2 изразија незадоволство, вклучувајќи ги и потенцијалните сериозни проблеми со екранот.

Во неделата Google изјави дека истражува дали сликите „горат“ на екранот на Pixel 2. Сето ова се случи по статија на блогот AndroidCentral во која се наведуваат повеќе детали поврзани со овој проблем. Предметниот проблем обично се појавува по неколку години на работа и може да започне да пречи на корисникот да ги гледа информациите на екранот.

Google веројатно ќе треба да го запре производството, ако навистина има проблем, тврди Рајан Рејт, аналитичар за мобилни уреди во IDC.

„Ги прифаќаме сите сигнали за проблеми многу сериозно и нашите инженери ги испитуваат брзо“, прокоментира Марио Квеироз, потпретседател во Google, одговорен за управувањето на производите со брендот Pixel.

Вестите за истрагата доаѓаат откако Google посочи дека може да пушти нов софтвер за да одговори на загриженоста на корисниците за сината нијанса на 6-инчниот екран на Pixel 2 XL. Уредот вклучува технологија за OLED дисплеј.

Експерти во областа на електроника и корисници во голем број на онлајн форуми сигнализираа и за чуден звук за време на повици, како и за слаба Bluetooth врска помеѓу Pixel 2 и други уреди. Google не ги коментираше веднаш овие проблеми.

Во петокот компанијата вети дека ќе ги врати парите на необјавен број на луѓе кои биле фактурирани дополнителни 30 долари за Pixel 2 од Verizon Wireless во САД. Во извинувањето, Google наведува дека тоа „била грешка“.

Претходните поплаки натераа Google да ја намали цената на адаптерот кој се користи за поврзување на слушалки од 20 на 9 долари, со што ја достигна цената на сличниот адаптер за iPhone.

Во текот на викендот Google испрати пораки на купувачи, во кои се наведува дека испораката на нивниот Pixel 2 може да биде одложен за месец до крајот на ноември, покажува пост на блогот AndroidPolice, како и кориснички пораки во Reddit. Купувачите велат дека Google им понудила бесплатна обвивка за смартфонот, која инаку чини 40 долари. Google не го коментираше ова прашање веднаш.

Минатиот месец компанијата направи значителен влог во бизнисот со смартфони, откако ја стекна екипата за хардверски развој на HTC за 1,1 милијарди долари.