Идеја на САД – Светско во фудбал за губитници

15 ноември, 2017 | 11:39 часот | 286 прикажувања |

Американскиот фудбалски сојуз потврди дека преку сопствената промоторска куќа „Сокер јунајтед маркетинг“ почна со реализација на проектот за организирање фудбалско првенство на репрезентациите кои се „најголемо разочарување“, објави ЕСПН.

Со овој проект се очекува и дека ќе се амортизираат огромните финансиски загуби поради неиграњето на едни од најсилните репрезентации на СП во Русија следното лето.

Американскиот фудбалски сојуз размислува и дали САД, Италија, Холандија, Чиле, Гана и други би играле турнир или серија пријателски натпревари ширум Америка пред почетокот на СП во Русија.

Во секој случај, американската публика ќе може да гледа повеќе атрактивни репрезентации, откако Италија, по бараж натпреварот со Шведска, остана без учество на СП, првпат по 1958 година. САД, по дебаклот во групата, не успеа да се пласира на СП првпат од 1990 година. Холандија, која беше на второ и трето место на последните две Светски првенства, како и Гана, една од најсилните африкански репрезентации, го пропуштаат СП првпат од 2002 година. Чиле, кој е двоен првак на Јужна Америка, исто така остана без „виза“ за Русија.