Денеска е Рождество Христово – Божик

7 јануари, 2018 | 9:28 часот | 844 прикажувања |

За христијаните кои се придржуваат на Јулијанскиот календар е Рождество Христово – Божик. На Божик, православните христијани во Македонија се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“, на што одговараат „Вистина се роди“.

Божик е ден кога христијаните го одбележуваат раѓањето на Спасителот – синот Божји Исус Христос. Овој датум првпат се споменува како празник во 336 година, во еден римски календар. До 16 век сите христијани Божик го славеа истиот ден, а по 1582 година со прифаќањето на Грегоријанскиот календар од страна на Ватикан, се појавија разлики.

Името Христос е превод на еврејското Месија, што значи Помазаник.

За Христос пророкуваа многу еврејски пророци, а неговата појава во тоа време ја очекуваа и многу други народи. Пророците го прорекоа како времето кога ќе се роди, така и местото Витлеем.

Исус Христос на човештвото му ја даде силата и власта да ги победи гревот и смртта. Заради тоа, Христос се нарекува спасител.