Албанскиот претседател Мета: Македонското малцинство е богатство за Албанија

5 јануари, 2018 | 18:45 часот | 2.186 прикажувања |

Претседателот на Република Албанија, Илир Мета, во текот на посетата во петокот на општина Пустец каде што оствари средба со тамошните жители, даде максимална поддршка за заштита на националниот идентитет на македонското население и граѓаните на Македонија.

„Многу е значајно да го негувате вашиот идентитет. Јас сум посветен и натаму да го промовирам македонското малцинство, кое има прекрасни вредности и традиции. Македонското малцинство ќе биде постојано во моето внимание“, рече Мета по средбата.

Најави и максимална помош за економскиот развој на целиот регион на оваа општина.

„Односите меѓу Македонија и Грција целосно да се нормализираат на патот на интеграцијата. Од одличните односи меѓу Република Македонија, Република Грција, и Република Албанија, целиот регион има корист, но посебно жителите на Преспанскиот регион“, изјави претседателот Мета.

Мета ја посети црквата „Свети Архангел и Михаил“ каде запали свеќи за здравје, од каде го честиташе денешниот празник Свети Наум, како и божикните празници по што во дворот изигра и македонско оро заедно со жителите на Пустец кои му приредија срдечен пречек.