Столтенберг во посета на Македонија на 17 и 18 јануари, ќе се обрати и пред пратениците

5 јануари, 2018 | 12:24 часот | 569 прикажувања |

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на 17 и 18 јануари ќе ја посети Македонија. На 18 јануари напладне тој ќе се обрати пред пратениците во Собранието на Република Македонија, јави МИА.

Се очекува генералниот секретар на Алијансата да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, со лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, како и со министерите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шекеринска.

Посетата на Столтенберг коинцидира со интензивирањето на активностите за решавање на проблемот со грчкото оспорување на името на Македонија, што ја попречува македонската интеграција во НАТО и ЕУ. На 19 јануари во Њујорк, пак е предвидена и нова средба на медијаторот Метју Нимиц со претставници на Грција и на Македонија.