Антикорупциска со јавна опомена за судир на интереси

5 јануари, 2018 | 9:40 часот | 541 прикажувања |

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изрече мерка јавна опомена за лицето Марјан Огњановски за судир на интереси поради повреда на член 9 од Законот за спречување судир на интерси.

Како што се наведува во соопштението од ДКСК, службеното лице, покрај функцијата член на Управен одбор во АД „ГТЦ“- Скопје ги извршува и функциите управител на Трговско Друштво „НАФТОВОД“ ДООЕЛ Скопје и управител на Трговско друштво ДТУ ТЕРМА – 2002 ДОО Скопје.

„Постапувајќи согласно со одредбите од Законот за спречување судир на интереси, а во насока на отстранување на констатираната состојба, Државната комисија за спречување на корупцијата во смисла на член 23 став 1 од Законот за спречување судир на интереси се обрати до наведеното службено лице со барање во рок од 15 дена сметано од денот на приемот на барањето доброволно да се откаже од извршување на две од трите функции кои истовремено ги извршува со што ќе излезе од состојбата на судир на интереси во која се наоѓа. Со допис доставен до Државната комисија известени сме дека службеното лице направило промена на управувањето на Трговското друштво – ДТУ ТЕРМА – 2002 ДОО Скопје, и истото го доверило на лицето Орхидеја Огњановска за што во прилог достави Решение од Централен Регистер на РМ. ДКСК по увидот од тековната состојба на наведеното трговско друштво во Централиот регистер на РМ констатира дека е направена промена на управителското место на Трговското друштво – ДТУ ТЕРМА – 2002 ДОО Скопје, а како нов управител е назначена Орхидеја Огњановска, а исто така е констатирано дека не е направена промена на управувањето на Трговското Друштво „НАФТОВОД“ ДООЕЛ Скопје. ДКСК од увидот во расположивата документација констатира дека лицето Марјан Огњановски и Орхидеја Огњановска се блиски лица, што е спротивно на член 9 од Законот за спречување судир на интереси“, се наведува во соопштението од Комисијата.

Антикорупциска смета дека и покрај промената се исполнети условите утврдени во член 23 став 3 од Законот за спречување судир на интереси поради што донесе одлука на Марјан Огњановски да му се изрече мерката јавна опомена, која се објавува во средствата за јавно информирање.

фото: Телма