Денеска е Св. Наум Охридски – просветител на македонскиот народ

5 јануари, 2018 | 9:21 часот | 653 прикажувања |

Ако свети Климент Охридски остана во споменот на народот со својата просветителска дејност, со подучување на народот не само на пишување и читање, туку и на други корисни работи, свети Наум остана запаметен како чудотворец, со моќта да лекува и за време на животот и по смртта, да лекува од најразлични болести и луѓе од разни вероисповести, односно сите што искрено и со верба му се обраќале без разлика на вера и народност. Но свети Наум остана запаметен и по заштитата на манастирот, по наградувањето на оние што со добра мисла доаѓале во кругот на манастирот и казнувањето на оние што иделе со намера да направат некоја штета, да го испоганат објектот или да го навредат светителот. Култот на свети Наум зрачел на поширок простор не само во охридскиот крај, туку и во преспанскиот, па дури до Корча, каде што манастирот имал свои имоти. Но култот кон свети Наум бил раширен и во Унгарија и Романија каде што имало иселеници од овие краишта.

Свети Наум освен по црковната дејност е познат и како македонски средовековен писател и културен деец.

Од неговите творби, за кои се претпоставува дека се повеќе, откриено е химнографското дело „Канон за аспотолот Андреј“, а се знае за уште други два канона напишани од него: „Канон на Архангел Михаил“, и „Канон за пренесување на моштите на Јован Златоуст“.

Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.

Во споменот на народот св. Наум останал како чудотворец. И во „Пастирската посланица на охридскиот патријарх г.г. Јоасаф за префрлувањето на празникот на свети Наум од 23 декември на 20 јуни (с.с.)“ се истакнува: „во светите прочуениот и во чудата безмерниот, божествениот и свет отец Наум“. На друго место во истата Посланица се вели: „Затоа секој, што поседува срдечна и добронамерна побожност кон светителот нека дојде на изворите на чудесата на светиот гроб, каде што лежат светите мошти, во неговиот свет храм, на источникот што блика исцелувања ‒ да прими благодет и светост на телото и душата, зашто чудата и благодетите на светиот и богоносен отец наш Наум ‒ чудотворец, толку се многубројни та ги надминуваат и множеството ѕвезди…“ И во „Охридскиот митрополитски кодекс“ во делот „Историски спомени за св. Климент и препод. Наум“ се споменуваат „свети и пречесни мошти, нетлено богатство и извор на исцелувања на сите кои со вера и благочестивост одат на неговиот чудотворен гроб“.

Познато е дека на гробот на свети Наум доаѓале и луѓе од други вери, особено муслиманите од Македонија и Албанија. И во писмото што попот Сотир од Љубаништа го носел во областите Подунавје и Романија каде што собирал помош за манастирот се вели: „Притоа знајте господо дека овој свет и на народот корисен манастир, спрема кој Вие го негувате Вашето почитување и верност, па дури и самите неверници достојно го почитуваат и сакаат, како што на сите Ви е познато, уверени во благонаклоноста на оваа надеж…“ Кога се вели неверници се мисли на припаднците на други вери, пред сè, на муслиманите.

Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание, еднаш кога дошле на гробот на свети Наум, неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко“.

Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите (муслиманска секта). Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Манастирот најповеќе се афирмирал како лечилиште со исцелување болни од многу болести, посебно од душевни болести. За тоа придонесло верувањето во исцелителната моќ на светите мошти на светителот. Има поголем број преданија што раскажуваат за лечење душевно болни од страна на светителот. Познато е и тоа дека во манастирот долго време постоела и душевна болница.

Во Летописот на манастирот Свети Наум се вели дека водата од изворот „Свети Атанасија“, служела за лекување на болни. „Со миење на водата од овој извор се лекувале луѓето што страдале од очни болести. Летописецот забележува дека многумина нашле спас од овој извор“. За исцелителните својства на манастирот, секако, придонесле и повеќето извори со свети води околу манастирот, што, исто така, се под влијание на светителот. Покрај споменатиот извор „Свети Атанасиј“ такви се уште и изворот од карпата непосредно до брегот на езерото, потоа изворот Најазмо, од другата страна на границата со Албанија, изворот посветен на Света Петка, итн.