Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ е против промена на Уставот со цел промена на уставното име

4 јануари, 2018 | 23:12 часот | 1.220 прикажувања |

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за МРТ кажа дека тој лично и неговата партија нема да се согласат со промена на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија.

Како што кажа Мицкоски и тој и партијата нема да прифатат било какво решение доколку за тоа граѓаните немаат можност да се изјаснат на референдум.

„Спорот со јужниот сосед не го опфаќа само името, тој е комплексен, има и идентитески елементи“.

Мицкоски прашан како би реагирал доколку има предлог за името, нагласи дека секоја одлука која тој би ја донел би била единствено во интерес на Македонија и дека решението доколку го има, треба да биде достоинствено.

Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ е надвор од процесот за името и дека досега немале покана за учество. Мицкоски напомена дека не знаат што официјално се случува и дека информациите ги добиваат од медиумите.

„Она што ВМРО-ДПМЕ го добива како информација од процесот е од конференции, натписи по медиумите, полувистини, а можеби и вистини и не знаеме како да ги квалификуваме бидејќи немаме реални суштински информации и не сме дел од тој процес“, рече Мицкоски.

Мицкоски во интервјуто напомена дека власта и опозицијата во Собранието формирале работни групи што ќе дискутираат за дел од реформските закони. Тој не прецизираше дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе се вратат во Собранието, но напомена дека едно од сценаријата е изготвување на Закон за аменстија за притворените за настаните од 27 април.

Ќе му служиме исклучиво на народот и на граѓаните на Република Македонија

Според опозицискиот лидер, мешањето на државата и партијата на изминатите организирани локални избори во Македонија допринесоа да до одредена мера имаме сериозно нарушување на демократскиот принцип на еден изборен процес.

„Покрај сопствената субјективна вина која ја дијагностициравме точно знаеме каде е и ќе се трудиме во периодот кој што следува за следните изборни циклуси да не ја повториме и исто така морам да признам дека ова претставуваа најлошо организирани избори ако се споредат со двата претходни изборни циклуси, а тоа се во 2014 и 2016 година, а тоа го говорат извештаите од реномирани меѓународни институции. За нерегуларноста на изборите беше потврдено и од најмалку двете партии и нивните претставници на Албанците, а тоа се Беса и Алијансата на Албанците“, вели Мицкоски.

Тој сублимира дека овие избори беа лош изборен процес кој што изобилуваше со многу недостатоци и недоследности нотирани во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР.

На прашање на новинарите во студиото тој вели и дека единствена цел на Христијан Мицкоски во моментов е ВМРО-ДПМНЕ да се врати на старите победнички патеки и да формира тим кој ќе го поддржи во сето тоа.

„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ќе му служат исклучиво на народот и на граѓаните на Република Македонија и се што било добро во минатото од партијата ќе се продолжи да се практикува, а се што било лошо и онаму каде што се констатирани недостатоци ќе се најде начин истите да се превенираат и понатаму да не се повторуваат“, рече Мицкоски.

Тој вели и дека сето ова на наредните избори ќе му донесе успех на ВМРО-ДПМНЕ и партијата ќе ја формира идната Влада.