Османи: Очекуваме датум за преговори за време на бугарското претседателство

4 јануари, 2018 | 15:00 часот | 410 прикажувања |

Бугарија е пријател и поддржувач на евроинтеграциите на Македонија. Во првата половина од 2018-та, за време на претседателство на Софија со Европската унија, не бараме ништо што не заслужуваме, а тоа е датум за преговорите во јуни- изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, пренесува МРТ.

„Исклучително значајно е да бидеме дел од таа стратегија за проширување, да добиеме една од најдобрите препораки за проширување, во април, ако не и порано, која ќе биде безусловна. Се разбира, имаме големи очекувања за мајскиот самит во Софија, каде ќе се забетонира перспективата на Западен Балкан за Европската унија. Се разбира, Бугарија, некаде во јуни, пред да го предаде претседавањето на Австрија, ќе претседава со Советот на ЕУ, каде што очекуваме датум за преговори“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Почнувањето на бугарското претседателство со Европската унија, ќе биде официјализирано на манифестација на 11-ти јануари во Софија. Јас лично ќе го претставам припротетот на бугарското претседателство на 15-ти јануари во Собранието на Комисијата за евроинтеграции“, нагласи Иван Великов Петков, амбасадор на Бугарија во Македонија.

Контактите со грчките претставници се добра можност за подобрување на меѓусоседските односи и за отстранување на пречката за евроатланските интеграции, истакна Османи додавајќи дека ќе оди во Атина откако официјално ќе биде потврдена посетата.

Прашан дали ќе има референдум за името, рече дека прво треба да почекаме предлог, за потоа да се договори начин на ратификација заедно со опозицијата.

извор: МРТ