Ципрас: Оптимист сум дека може ефикасно да го решиме прашањето со името

2 јануари, 2018 | 16:20 часот | 608 прикажувања |

Грчкиот премиер Алексис Ципрас е оптимист за прашањето за името, но очекува и конкретни чекори од македонска страна, јавува дописникот на МИА од Атина, пренесувајќи дел од кусото интервју за грчкото радио Рил.фм.

„Оптимист сум дека можеме ефикасно и одговорно да управуваме со прашањето кое го наследивме од претходните влади. Сѐ додека од другата страна навистина постои желба да се направат чекори, останува да го видиме тоа, верувам дека може да се направат чекори кон излез од безизлезната ситуација“, изјавил Ципрас.

И покрај тоа што го потенцираше неговиот оптимизам, сепак, додаде дека потребни се дела и опипливи резултати, а не зборови.

„Во надворешната политиката секој треба да биде воздржан, да не зборува многу, повеќе ги преферирам делата, отколку зборовите, рече грчкиот премиер“, пренесува МИА.

Алексис Ципрас отфрли секаква можност за распишување предвремени избори оваа година, потенцирајќи дека Владата ќе го искористи четиригодишниот мандат, а граѓаните нова Влада ќе одберат во 2019-та.

Грчкиот премиер изрази убеденост дека 2018-та ќе биде година на Грција, ќе донесе надеж за граѓаните, бидејќи земјата во август, по осум години ќе излезе од третиот меморандум, а со тоа ќе се означи и крајот на кризата.