Малата Дарија е првиот жител на Прилеп за новата 2018 година

2 јануари, 2018 | 16:12 часот | 908 прикажувања |

Прилеп конечно го доби првото дете родено во Новата 2018 година. Синоќа околу 20 часот се роди здраво женско дете на Гинеколошкото одделение во прилепската градска болница.

Малата Дарија, тешка 3.230 грама е најголема радост за мајката Дијана Капкоска, но и за целиот персонал од гинеколошкото одделение од градската болница, кој беше максимално подготвен за овој радосен чин.

Среќната мајка денеска ја посети градоначалникот Илија Јованоски, предавајќи и подароци за новороденчето.

„Се чувствувам прекрасно, радосна сум како мајка, а малата принцеза ќе се вика Дарија“, изјави мајката Дијана.

За д-р Роза Ковилоска, специјалист педијатар во Одделот за неонатологија, раѓањето на женско новороденче е најава дека годинава ќе биде бериќна.

„Годинава ни започна добро. Се роди женско, здраво новороденче од 30 годишна мајка, во добра здравствена состојба. Му посакуваме многу успех, здравје, среќа“, рече д-р Ковилоска.

Новогодишни пакетчиња денеска добија и сите дечиња хоспитализирани во детското и во неонатолошкото одделение од градската болница во Прилеп.

извор: МИА