Османи до Филипче: Да ја унапредиме апсорпцијата на странска помош во здравството

2 јануари, 2018 | 16:08 часот | 416 прикажувања |

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денес оствари средба со новиот министер за Здравство, Венко Филипче. На средбата беа отворени прашањата за предизвиците на здравствениот систем, предвидените реформи на новиот Министер, но и можноста за соработка меѓу Министерството за здравство и Секретаријатот за европски прашања, особено во делот на странската помош наменета за здравствениот систем.

„Како поранешен Министер, но и како доктор, свесен сум за големината на предизвиците на здравствениот систем за чие справување ја имате целосната моја поддршка, но и поддршката од Секретаријатот за европски прашања за справување со потребните реформи“ – истакна Османи на средбата. Тој додаде дека е запознаен со фактот дека реформите во здравството се тешки, напорни но и скапи, и дека клучен предизвик е обезбедувањето финансиска поддршка за нивното спроведување за што, како што истакна Османи, Министерството за здравство ќе ја има целосната поддршка од Секретаријатот за европски прашања, но и неговата лична поддршка како Национален координатор на странската помош во Република Македонија.

„Приближувањето кон Европската Унија, не значи само спроведување на болни реформи, туку и придобивки од приближувањето кон европските вредности и стандарди. Напредокот во приближувањето кон ЕУ значи и напредок во остварување на европско здравство, европски стандарди во здравството, што претставува една од најважните европски перспективи на Македонија“ истакна Османи, додавајќи дека со оптимизам гледа на соработката со новиот Министер за здравство Филипче, за успешна апсорпција на целата расположлива странска помош за здравството во Република Македонија.