ВМРО-ДПМНЕ: Наместо со семејствата, притворените новата година ја поминаа во ладни ќелии

2 јануари, 2018 | 10:59 часот | 445 прикажувања |

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира дека притворените за настаните во Собранието од 27 април се жртви на политички прогон, кои ја чувствуваат инквизицијата на 21 век на сопствена кожа.

„Десетици неосновано притворени граѓани, наместо со своите семејства, Нова година ја поминаа во ладни ќелии. Притворените се лишени од загарантираните човекови права, а постапката против нив е противзаконска и неоснована уште од самиот почеток. Непочитувањето на законите при нивното притворање го потврди и народниот правобранител. Факт што остана премолчен од ОЈО и судот. Кршењето на законите и непостоењето институција што ќе ги заштити нивните права е ситуација со која се соочуваат овие недолжни граѓани. Целиот случај што им се става на товар е конструкција и служи за втерување страв кај секој што ќе помисли да биде критички настроен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека судиите не смеат да се ставаат над законите и да спроведуваат нечија агенда кршејќи го законот.

Додаваат дека демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено со цел да се воспостави доверба во институциите на системот.