ОМД обвинува за голем скандал: Нимиц вработил грчка асистентка!

30 декември, 2017 | 15:27 часот | 6.995 прикажувања |

Метју Нимиц, специјалниот посредник за решавање на спорот кој Грција го има со името на Македонија, вработил грчкa асистентка – Еленор Деметридис, тврдат од Обединетата македонска дијаспора.

Тие му пишале на Нимиц, а тој им вратил дека по неговото пензионирање од компанијата General Atlantic му била доделена асистентка која ќе им помага и на другите пензионирани вработени од компанијата. Нимиц во одговорот до ОМД рекол дека не се интересира за етничката или религиска позадина на луѓето кои работат за него.

Ова е честа практика во светот на бизнисот и тоа е разбирливо, но со оглед на природата на неговата работа како посредник меѓу Грција и Македонија, некој би помислил поинаку.

Дури и тоа да е „случајност“, да се има грчки асистент во така деликатна позиција, не претставува добар избор, неприфатливо е и претставува конфликт на интерес, тврдат од ОМД.

Од Обединетата македонска дијаспора велат дека му пишале на Генералниот секретар на Обединетите нации за појаснување за оваа ситуација и бараат да се стави крај на разговорите за промена на името на Македонија.

„Во Обединетите нации Македонија е единствената земја во светот која се соочува со дискриминација со тоа што и се забранува употребата на нејзиното име за членство. До овој момент 137 земји во светот ја признаваат Република Македонија под нејзиното уставно име и тоа претставува 2/3 од членките на ООН“, велат од ОМД.

Како што е утврдено од страна на Комитетот на ООН за човекови права, меѓународото дипломатско признавање на државата Македонија под уставното име, „Република Македонија“ е неопходно, праведно и задолжително.

Од ОМД ги повикуаваат Обединетите нации, Европската Унија, НАТО и оние земји кои се уште не го имаат сторено тоа, да ја признаат Македонија под нејзиното уставно име „Република Македонија“.