Каталонската криза и „Брегзит“ потекнуваат од ист вид на национализам

24 октомври, 2017 | 22:14 часот | 171 прикажувања |

Многу набљудувачи во моментов очекуваат каталонската влада да прогласи независност по референдумот од 1 октомври, но какви ќе бидат последиците за Каталонија, ако таа навистина се оддели. Според проф. Пол де Грауве од Европскиот институт на Лондонската школа за економија (LSE) има паралели меѓу движењето за независност на шпанската област и другите форми на национализам во Европа. Тој смета дека ваквите политички движења претставуваат парадоксот на глобализираниот свет: кога националистичките актери сакаат поформален суверенитет, тие постигнуваат помалку реален суверенитет за своите народи.

Британскиот премиер Дејвид Камерон нема да влезе во книгите за историја како просветен лидер. Меѓутоа, кога во 2014 година тој одлучи да дозволи референдум за независност на Шкотска тој го користеше својот мозок и ја отвори вратата за негово спроведување. Гласањето беше на 18 септември 2014 година и едвај 45% од Шкотланѓаните гласаа за независност.

Контрастот со референдумот во Каталонија не може да биде поостар. Шпанскиот премиер Маријано Рахој глупаво одлучи да користи насилство да го спречи референдумот во Каталонија, и покрај фактот дека мирниот референдум најверојатно би довел до слични резултати како оние во Шкотска. Шпанија и Каталонија сега се пред судир. Ситуацијата можеше да се избегне ако Рахој не страдаше од догматизам и ниво на национализам, еднакви на оние во Каталонија. Каталонските националисти сега добија голема поддршка благодарение на глупоста на Рахој. Кадрите од телевизиите како шпанската полиција удира и млади и стари, за да не им дозволи да гласаат, создаде впечаток за потиснати луѓе, кои се борат за слобода.

Но, работите не можат да бидат подалеку од реалноста. Каталонците не се потиснати луѓе. Тие имаат високо ниво на автономија. Тие го спроведуваат своето образование на свој јазик. Нема пречки во културниот развој на Каталонија. Ова е најпросперитетниот регион во Шпанија. Барселона е просперитетен град, различен од остатокот од Шпанија. Каталонците се слушнати на регионално, национално и европско ниво. Сликата на згазените луѓе е лажна. Каталонскиот национализам е истиот вид како британскиот, што доведе до „Брегзит“. И тој е заснован на голем број митови.