Заев по средбата со коалиционите партнери: Влегуваме во година на клучни одлуки

29 декември, 2017 | 19:18 часот | 486 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со претседателите и претставниците на политичките партии од коалицијата.

На оваа, предновогодишна средба, премиерот Заев ги запозна коалиционите партнери со главните точки и остварувања на владата, и нагласи дека тие се постигнати врз основа на принципите договорени со коалицијата.

„Создадовме околности кои целосно го променија демократскиот амбиент во земјата, за што пристигнаа признанија и од народот со исходот на локалните избори, како и од меѓународната заедница, особено од нашите стратешки партнери во ЕУ, НАТО, и од САД, и овие промени навестуваат дека влегуваме во година на клучни одлуки за државата. Во таа смисла е многу значајно взаемното охрабрување и поддршка на сите партнери во коалицијата во сите области, и посебно во остварувањето на концептот едно општество за сите“, истакна Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Во текот на разговорот, премиерот Заев се задржа на повеќе прашања од интерес за граѓаните на земјата, како и теми од заеднички договорените политики, кои во изминатите 7 месеци се преточија во конкретни мерки и законски решенија од спроведувањето на програмата на владата.

Беше нагласено дека насоките се утврдени, и дека паралелно со она што се очекува на планот за европските и евро-атлантските аспирации, ќе се динамизираат и процесите во спроведувањето на реформите и реализацијата на Планот за економски раст.